Домашните компании прават анализи на состојбите и спроведуваат вонредни интерни обуки за вработените. Доделуваат упатства за засилени мерки за лична хигиена, за чистење и дезинфекција на производствената опрема и производствените погони. Целосно се придржуваат кон препораките на Владата по новонастанатата состојба со коронавирусот.

Како што вели самостојниот советник во Стопанска комора на Македонија, Васко Ристовски, компаниите ги презедоа сите мерки во однос на отсуствата на дел од вработените. Направена е замена со други вработени или делумно реорганизирање на производството со цел намалување на последиците и одржување постојан производен циклус.

-Проблемот евентуално може да се лоцира во дефицитот на пазарот од заштитни маски и ракавици за еднократна употреба, кои во објектот се користат како дел од работната опрема во секојдневниот производен процес. Во моментот, се користат залихи од спомнатата лична заштитна опрема, но од повеќе компании добивме известување дека на пазарот веќе се чувствува недостиг од овие материјали, истакнува Ристовски.

Според него, домашните производни и трговски компании се соочуваат и со проблеми при увоз на суровини и производи најмногу од земјите кои прогласија целосно затворање, како Италија, а согласно најавите, во наредниот период се очекува тоа да се случи и во уште неколку европски земји со кои имаме поголема трговска размена.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2020 21:14