Само со потврда, или на хартија или со порака на мобилниот телефон, на Грците од шест часот утрово им е дозволено да излегуваат од дома и тоа единствено поради неколку конкретни причини, додека пак полицијата интензивно спроведува контроли, со возила и мотори на булеварите и улиците, пеш во парковите и на плоштадите, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Атина сообраќајот е со намален интензитет, но улиците не се целосно празни. Фреквенција на автомобили и понатаму има, но и фреквенција на граѓани. Некои одат на работа, други да го прошетаат домашното милениче, трети да пазаруваат во супер маркет. Но, сите мора да имаат специјална потврда. Во спротивно, ќе треба да платат казна од 150 евра.

-Бевме во супермаркет, никој не не застана за контрола, но имаме потврда која што ја испринтавме, ја пополнивме и ја носиме со нас, вели повозрасна брачна двојка по пазарувањето во маркет.

Помладите пак, преферираат преку порака да го пријават нивното излегување од дома.

-Пратив смс порака дека ќе излезам да го прошетам кучето. Сега истата процедура треба да ја правам два пати дневно, и наутро и навечер. Но, подобро вака, ќе издржиме, вели млада девојка.

На повеќе локации во Атина, со акцентот ставен на строгиот центар, постојат полициски блокади, ги запираат возилата и моторите и ги проверуваат причините за нивното излегување, односно потврдите.

Полицајците со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, на неколку различни локации во грчката престолнина велат дека главно, граѓаните се придржуваат кон правилата, но сепак утрово беа потолерантни и наместо казни, упатуваа препораки.

На една од поставените блокади, полицајците велат дека утрово, од спроведените 300-400 контроли на возила, без потврди биле само околу 20 лица.

Се контролираат и пешаците, а не само возилата, со полицајци кои шетаат во парковите, на плоштадите во населбите и по тротоарите.

Дописничката на МИА од Атина, затекна група од шест полицајци кои ги проверуваа граѓаните што излегуваа и влегуваа во метрото, а малку подоцна, се поделија во две групи и продолжија со пеш патролите во две различни насоки.

Велат дека во просек, девет од десет граѓани ги имаат потребните документи за движење.

Од шест часот утрово, стапи во сила целосна забрана на движење во Грција, а до 6 април 2020, а исклучоци има за посета на супермаркет и аптека, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашните миленичиња и секако, за оние кои работат и треба да стигнат до нивните работни места.

Граѓаните, при излегувањето, со нив треба задолжително да имаат лична карта или пасош и потврда за движење.

Предвидени се два вида на документи односно потврди за движење. Едната, за оние кои одат на работата и која ќе се пополнува само еднаш, заедно со потврда од работодавачот со детално заведено работно време, а втората, за другите случаи односно за посета на супермаркет, аптека, банка и сл.

За секое излегување од дома, поврзано со втората категорија, секој од граѓаните треба да има нова потврда.

На потврдата што може да се симне од интернет, стојат сите лични податоци (име и презиме, адреса) како и причината за движење.

Алтернативно, граѓаните можат рачно да ја напишат причината за нивното излегување, заедно со име, презиме, адреса, датум и потпис и да испратат бесплатна смс порака на специјално одреден број со бројката на конкретната причина за излегување, заедно со име, презиме и адреса.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2020 15:22