Товарниот сообраќај на територијата на Србија за време на вонредната состојба и ограниченото движење (полицискиот час од 17-05) поради запирање на ширењето на коронавирусот, функционира без поголеми проблеми, изјави српската вицепремиерка и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштенито од ова Министерство се наведува дека вицепремиерката Михајловиќ е во постојана комуникација со ресорните министерства од соседните земји и пошироко, со цел транспортот и снабдувањето на граѓаните да се одвива непречено.

-Од 15 март, кога е воведена вонредната состојба, заклучно со вчерашниот ден, во Србија влегоа 20.802 камиони, од кои 9.529 беа камиони за снабдување на Србија, а 11.273 камиони беа во транзит. Само во текот на вчерашниот ден во Србија се влезени 2.119 камиони, од кои 952 влегоа во Србија и 1.167 го продолжија своето патување, низ транзит, снабдувајќи ги граѓаните на Србија и грааѓаните од регионот со сите потребни стоки и намирници, изјави Михајловиќ.

Возачите на камиони се ослободени од мерката за забрана на движење низ Србија и ги минуваат сите контролни мерки. Кога станува збор за камионите во транзит, тие мора да ја напуштат територијата на Србија во рок од 12 часа од влегувањето во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2020 15:24