Претседателот на Косово Хашим Тачи предаде денеска на Уставен суд барање за поништување на вчерашната одлука на Владата за новите мерки за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот, со кои, меѓу другото, се предвидува ограничување на движењето на граѓаните и возилата.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи во денешното обраќање пред медиумите повтори дека, според него, мерките што синоќа ги усвои Владата на Албин Курти, претставуваат кршење на уставните права и слободи на граѓаните.

– По противуставната одлука на Владата на Косово, како претседател на државата одлучив да се обратам на Уставниот суд за да побарам мислење во врска со ограничувањето на движењето. Почитувајќи го во целост мојот мандат, побарав од Уставниот суд да донесе времена мерка, изјави Тачи.

Владата на Косово синоќа усвои нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, ограничувајќи го движењето на граѓаните и возилата во периодот од 10 до 16 и од 20 до 6 часот. Со оваа одлука, според Тачи, кабинетот на Курти предизвика страв и паника кај граѓаните.

– Синоќешната одлука на Владата испровоцира нова ситуација, ситуација на страв. Денеска луѓето се принудени поради создадената конфузија да излезат наутро за да се снабдат. Има гужви. Затоа тие масовни гужви се опасноста која ја испровоцира владата, создавајќи паника меѓу граѓаните, изјави Тачи, додавајќи дека побарал од Курти да ја повлече одлуката.

На синоќешната прес-конференција, одржана нешто пред полноќ, веднаш откако беше објавена одлуката на Владата, Тачи им порача на граѓаните дека не се должни да ги почитуваат новите мерки, а на полицијата и безбедносните сили дека, доколку ги исполнуваат тие мерки, и самите ќе извршат кривично дело. Денеска тој ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките на Институтот за јавно здравство на Косово и да не излегуваат од своите домови.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2020 13:09