Општина Кисела Вода, продолжува со активностите за превенција од ширењето на вирусот Ковид 19 и од денеска, преку секторот за месна самоуправа и социјална грижа, врши дезинфекција на сите колективни станбени згради на нејзината територија.

Како што информираат од општината, мобилни тимови организирани денеска вршат прскање за дезинфекција во зградите во урбаните заедници Драчево и Расадник. Утре ќе се врши дезинфекција во урбаните заедници Цветан Димов и Кисела Вода, в сабота во 11 Октомври згради и бараки, додека во недела ќе бидат опфатени колективните станбени објекти во Бирарија, Црниче, Пржино и Припор.

-Ова е уште еден од чекорите кои оваа локална самоуправа ги прави за превентива и заштита на своите жители од корона вирусот. Претходно, Општина Кисела Вода изврши дезинфекција во сите детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на територијата на општината, на сите улици, јавни површини, на урбаната опрема, детските игралишта, пред поголемите маркети каде има поголема фреквенција на движење и на автобуските постојки, велат од локалната самоуправа.

Потсетуваат дека во рамките на работните активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, Општина Кисела Вода заедно со Град Скопје, тимовите на Црвениот крст и хуманитарната организација Св. Спас, организираа можност за бесплатна сервисна помош за лицата со попреченост или инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица, и сите останати жители со одредени хронични болести.

-Тие, секојдневно, за своите потреби, за набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена, во временскиот период од 8:30 до 12:30 часот, на телефонските броеви 070/379-456 и 02/3211-417 можат да ги контактираат тимовите кои имаат задача бесплатно да им помагаат, порачуваат од Општина Кисела Вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2020 13:44