Можност за трки и во јануари за спас на сезоната во Формула 1, најави Матиа Биното, шеф на тимот на Ферари.

– Тимовите се постојано во контакт. Правиме проценка на разни идеи, како што се временски блиски трки една до друга. Една од нив се однесува на две трки во јануари и откажување на петочните тренинзи, изјави Биното на италијански „Скај“.

Според редовниот натпреварувачки календар, крајот на сезоната во Формула 1 шампионатот требаше да биде на 29 ноември во ГН на Абу Даби, но тоа е невозможно по досегашното откажување на осум трки поради светската пандемија на коронавирус.

– Му оставивме целосна слобода на претседателот на Формула 1, Чејс Кери и на Светската автомобилистичка федерација заеднички и што поскоро да направат нов распоред. Ние имаме волја, додаде Биното.

Кери претходно најави дека очекува Ф1 сезоната да почне во текот на летниот период и во неа да има од 15 до 18 трки. Правилата во натпреварувањето велат дека мора да извозат најмалку осум трки за сезоната да се прогласи за важечка.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2020 00:49