Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција ги соопшти конкретните мерки што ги презема Градот Скопје во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот за сите граѓани во земјава.
- Град Скопје нема ново задолжување во 2019 година, ниту пак користи дел од средствата кои биле префрлени како непотрошени од претходната 2018 година, напротив имаме кумулирано дополнителен вишок на приходи во износ од 364.424.419 денари. Ваквите финансиски резултати овозможуваат Град Скопје да се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки (комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор, градските давачки и сл.) со цел да ослободиме повеќе пари во економијата. За таа цел ја спуштаме комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон) за цела 2020 година; ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020 (што исто така е законски минимум);го откажуваме кредитот за изградбата на новиот Луна Парк; подигнуваме нов кредит на иста вредност за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура (која ја работат домашните компании);комуналите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати (ова се однесува за градби со комуналии чиј износ надминува 1 милион евра); и им препорачуваме на Училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба – рече Шилегов.
Исто така, Шилегов изјави дека со цел успешно да се спроведат овие мерки се надева дека наскоро Советот на градот ќе усвои ребаланс на буџетот.
- Ги уверувам нашите сограѓани дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат. Ќе продолжат да се прават големите паркови што ги почнавме, мостовите и реновирањето на јавниот превоз. Ќе продолжиме да ги даваме истите социјални услуги и ќе ги адаптираме културните содржини на околностите додека не ги отвориме повторно - изјави Шилегов. На крајот ќе подвлечам дека фокусирани сме на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како Луна Паркот. На тој начин убеден сум дека ќе овозможиме граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со глобалната пандемија – нагласи Шилегов на денешната конференција за медиумите.