Една од ѕвездите на светскиот машки тенис, Германецот Александар Зверев, можеби бил заразен со коронавирус.

Во вклучување во живо на Инстаграм при разговор со актерот и телевизиски презентер Оливер Похер, Зверев откри дека тој можеби страдал од оваа болест кон крајот на декември во Кина. Ако е така, тоа го наметнува прашањето дали тој бил носител на вирусот за време на Австралија опен, каде стигна до полуфиналето.

– Имав кашлица еден месец, но никој не знаеше за вирусот. Кашлав 5-6 часа навечер и два дена имав треска, рече Зверев (22), кој беше во Кина за добротворен натпревар со Роџер Федерер на крајот на декември. Таму тој беше придружуван од неговата девојка Бренда Патеа, за која се вели дека имала слични симптоми.

Зверев ја започна годината многу слабо и неговиот настап на АТП Купот во Австралија беше разочарувачки. Откако пристигна во Мелбурн за Австралија опен, Германецот веќе се чувствуваше подобро.

– Не сакам да кажам сега дека сум имал коронавирус и сум стигнал до полуфиналето на Австралија опен, тоа би било сензационално, рече Зверев, кој исто така го запиша својот најдобар резултат на Гренд-слем турнирите досега.

Зверев, исто така, рече дека се пошегувал со Федерер за коронавирусот. Како што е познато, Швајцарецот се повлече од турнејата поради операција на коленото непосредно пред кризата со КОВИД-19.

„Му напишав: „кажи ми дека си скрил информации од Кинезите кога бевме таму“. Чудно е, но тој не ми одговори, тој само ми испрати „смајли“ и тоа беше тоа“, објасни Зверев, кој моментално е во Мајами.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2020 12:37