Прилеп изврши комплетна дезинфекција на градот и се подготвува за викенд-полицискиот час што почнува утре од 16, па ќе трае до 5 часот в понеделник наутро.

Како што информира прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, со комуналните претпријатија и со противпожарната единица за два дена извршена е комплетна дезинфекција на градот: на сите улици, јавните површини, парковите и на институциите. Голема помош има од граѓаните, особено од населените места кои се вклучија со механизација. Подготвени се дежурствата на службите.

– Извршена е комплетна дезинфекција на градот, а помогнаа и жителите од населните места. За викендот дежурна ќе биде аптеката „Каракаш“ која ќе биде на располагање на повик, па и за Службата за итна медицинска помош. За време на полицискиот час ќе работат и други компании и фирми кои веќе обезбедиле дозволи, изјави Јованоски по денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб. Волонтерите секој ден им помагаат на граѓаните.

-Од понеделник до петок се активни волонтерите кои вршат набавка за старите и изнемоштени лица, за смаохраните родители, за социјално-ранливите категории граѓани. Вршат набавки на прехранбени производи, средства за лична хигиена, вршат шалтерски услуги. Телефонските броеви на кои граѓаните може да ги побараат нашите волонтери се: 048 401 700 и 0800 00210. Апелирам до оние кои имаат дозволи за движење за време на полицискиот час во викендот, да ги користат за она што им е неопходно и во вистинско време и да не се злоупотребуваат. Апелирам утре кога граѓаните ќе пазарат за викендот да не се прават нереди и турканици, туку да се почитуваат мерките. За работа во викендот има пријавено 4 до пет маркети кои може да вршат достава на храна и продукти, рече Јованоски.

Тој нагласи дека недозволиво е фирма да работи доколку има регистриран позитивен на коронавирусот. Засега за тоа нема никакви информации. За работа во викендов има пријавено четири до пет маркети кои може да вршат достава на храна и продукти.

Инаку, Прилеп е трет град во државава со бројот на заразени, има осум нови случаи, а вкупно се заразени 46 лица. Јованоски апелираше за придржување на мерките, особено во текот на утрешниот ден кога ќе се прават набавки за викендот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2020 22:37