Град Скопје ги претстави мерките со кои што излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани.
Според предвиденото со програмата „Култура во време на Корона“, дел од проектите поддржани со Јавниот повик за 2020 ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на „првиот финансиски удар“. Со оглед на затворените врати на сите културни институции за време на вонредната состојба, Град Скопје ја прави културата достапна до сечиј дом. Веќе од наредната недела градот ќе организира маалски концерти кои што ќе имаат можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари. Програмите на градските културни институции ќе се пренасочат онлајн. Доајените во културата над 70 години ќе добиваат логистичка и психолошка поддршка од волонтери на Град Скопје.
Овие мерки доаѓаат како резултат на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ кои беа поддржани од ЈАДРО - асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на Културата (СКРМ) до Градот, за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена, а се изработени од Младинскиот Културен Центар како институција со најголема поврзаност со независната култура.