Општина Кисела Вода денеска почна со уште една голема акција за дезинфекција на јавните површини со цел спречување и заштита од коронавирусот.
Од општината информираат дека во урбаните заедници „Цветан Димов" и „11 Октомври – згради" е извршена дезинфекција во околу 50 влезови на станбени згради, пред влезовите на маркетите, аптеките и банките.
-Дезинфицирани се и автобуските постојки, клупите и корпите за отпадоци во парковите, како и затворените за употреба детски и спортски игралишта, а во наредниот период работните активности за спречување на вирусот ќе продолжат да се одвиваат во сите урбани и месни заедници, соопшти општината.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски повика на почитување на мерките и препораките дадени од Владата и Министерството за здравство, и упати благодарност до сите вклучени во борбата против вирусот.