Лидерот на Демократкиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа вели дека изјавите на европратеничката и известувачка за Косово во Европскиот парламент (ЕП) Виола вон Крамон Таубадел се беспримерни, бидејќи таа не смее да се меша во политичките состојби и да држи страна никому во земјата за која известува, јави дописникот на МИА од Приштина.

Германската европратеничка во континуитет се противеше на моцијата (усмен предлог поднесен до собрание) иницирана од ЛДК за недоверба на владата предводена од лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, барајќи од Мустафа и неговата партија да се откажат од намерата. Според неа, уривањето на владата на Курти во време на пандемијата на Ковид-19 би било „катастрофа за Косово“.

– Јас ова го гледам како големо мешање на претставничката на Европскиот парламент. За мене е тотално неправедно, беспримерно, бидејќи нејзината улога не е да се меша во политичката ситуација и да оценува дека се неодговорни две третини од пратениците на Собранието на Република Косово кои одлучија да гласаат за недоверба. Голема неодговорност е една таква сила во Парламентот да се прогласи за неодговорна, изјави Мустафа за приштинската РТВ21.

На тој начин, вели поранешниот косовски премиер, Вон Крамон Таубадел покажува дека е целосно наклонета на една политичка партија и дека не ги претставува како што треба интересите на Косово во ЕП.

На 25 март годинава, на иницијатива на ЛДК на Мустафа, која дотогаш беше дел од владејачката коалиција, Собранието на Косово ѝ изгласа недоверба на Владата предводена од лидерот на ВВ, Курти.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2020 23:17