Претставници на американската армија и на НАТО штабот во Сараево денеска доставија медицински материјали и средства за дезинфекција за Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.

Донацијата од НАТО уследи откако властите на БиХ побараа помош во борбата против епидемијата со Ковид-19 од НАТО и Евроатлантскиот координативен центар за одговор на катастрофи (ЕАДРЦЦ).

– Во БиХ и во целиот свет, НАТО сојузниците и партнерите продолжуваат да бидат едни покрај други и да пружаат помош едни на други за време на оваа пандемија, преку разни ангажмани на НАТО, билатерална помош или преку пружање поддршка на земјите во нивните напори за заштита на цивилите, се наведува во соопштението на НАТО штабот во Сараево.

На почетокот од месецот БиХ доби донација маски, заштитна облека и брзи тестови за новиот коронавирус од Министерството за здравство на Турција.

ЕАДРЦЦ е главен механизам на НАТО за одговор на катастрофи, кој ги координира барањата од сојузниците и партнерите на Северноатлантската алијанса и нуди помош за справување со последиците од поголемите кризи како што е пандемијата со Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2020 23:22