Група од дваесет и еден европратеник испрати писмо до комесарот за проширување Оливер Вархели во врска со „исклучително загрижувачка состојба со човековите права во Србија“.

Во писмото, во кое имала увид Радио телевизија Црна Гора, се забележува дека српскиот претседател Александар Вучиќ прогласил вонредна состојба во врска со пандемијата на Ковид-19, за која е „неизвесно кога ќе заврши“

Групата пратеници оценуваат дека оваа „сериозна и несразмерна мерка“ ги ограничува човековите права, очигледно не со цел да се сузбие ширењето на Ковид-19, туку со цел да се спречи слободата на изразување и движење.

Како резултат, се тврди во писмото, неколкумина граѓани се веќе приведени за кршење на строгите мерки за време на полицискиот час, додека вистинската причина за апсењето е критика на владината политика.

Пратениците, исто така, во писмото наведуваат дека српската Влада сака целосна контрола врз медиумите со цел да се емитуваат само филтрирани информации, претежно лажни, како и клевети против ЕУ.

„Поради силно противење, Владата ја отповика оваа контроверзна одлука, која беше искористена како изговор за апсење на новинарка“, се посочува во писмото, кое во името на европратениците го потпишува унгарскиот пратеник Атила Ара-Ковач.

Тие потсетуваат и на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „европска солидарност не постои, и дека таа е само бајка на хартија“, а пратениците исто така забележуваат дека „во меѓувреме продолжува и спектакуларен дослух со Москва и Пекинг“.

Војската е распоредена во болници, мерка што, според пратениците, е компатибилна со воена состојба, но не и со пандемија. Исто така, се вели, дека голема загриженост предизвикува што вонредната состојба е прогласена без заседавање на парламентот.

Групата пратеници, меѓу кои и Тонино Пицула и Тања Фајон, го прашуваат комесарот Вархели за тоа каков е ставот на ЕУ во врска со официјалните изјави на Белград против ЕУ, како и што планира да направи Европската комисија за „екстремните мерки“ преземени од рпската влада, но не само со зборови, туку и со дела.

Тие го прашуваат Вархели и какви политички чекори препорачува Европската комисија кога станува збор за изгледите на Србија како кандидатка за членство во ЕУ, во случај нејзината Влада да одбие да ги отповика репресивните мерки и целосно да ги почитува заедничките европски вредности.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2020 15:23