Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани само седум нови случаи на Ковид-19 и ниту еден смртен случај, според соопштените податоци од претставникот за коронавирус во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас.

Доколку се направи анализа на дневните досегашни статистики, денеска беше регистриран најмал број заразени лица во изминатите 43 дена, последен пат едноцифрен број случаи во Грција имаше на 10 март и првпат по повеќе од еден месец во земјата нема нов смртен случај, јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на епидемијата, регистрирани се 2.408 заразени со новиот коронавирус, а почина 121 лице.

На апарати во грчките болници приклучени се 55 пациенти.

До сега, анализирани се 56.944 примероци, 1.278 повеќе од вчера.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2020 21:22