Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека во разговорите со претседателот Александар Вучиќ е постигнат значителен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина, јави дописникот на МИА од Белград.

-Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во Новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа. Денеска станува првата европска земја каде што ќе изградиме заедница со заедничка иднина, рече Си во своето обраќање по размената на потпишаните меѓудржавни договори.

Тој посочи дека, како вистински пријатели и добри партнери, Кина и Србија уживаат политичка доверба која е силна како карпа.

-Нашата практична соработка е подобрена, координацијата е блиска кога се во прашање меѓународните прашања и го имаме тоа челично пријателство кое само станува се посилно и посилно, нагласи Си.

Тој додаде дека со српските домаќини договориле стратешки посебни односи кои, како што рече, се на исклучително високо ниво.

-Се договоривме да ја прошириме стратешката комуникација, да ја водиме оваа заедница со заедничка иднина во нова ера. Двете страни цврсто ги поддржуваат заедничките интереси и ние навистина имаме силни политички односи кои придонесуваат за оваа заедница, рече Си.

Тој потенцираше дека заедницата со заедничка иднина ќе има вкупно шест практични чекори.

-Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Србија, кој ќе стапи во сила на 1 јули годинава, е првиот чекор на тој пат, рече тој и нагласи дека Кина ја поддржи Србија во организирањето на Експо 2027, дека ќе испрати делегација што ќе присуствува и дека кинеските деловни фирми ќе бидат охрабрени да учествуваат во релевантни градежни проекти, наведувајќи го ова како втор чекор на поддршка.

-Под 3 – Кина ќе увезува поквалитетни земјоделски производи од Србија, под 4 и 5 ја наведе подршка за 50 научници и 300 млади на усовршување во Кина и како шеста точка го наведе отварањето на директна авио линија од Белград до Шангај.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2024 16:20