Простор во кој можат привремено, до шест месеци да бидат згрижени 70, а најмногу 140 бездомни лица корисници на дрога, за прв пат е отворен во центарот на Атина.

Пансионот за привремен престој нуди сместување, лична нега и хигиена, медицинска грижа, советувања, психолошко – социјална поддршка, како и програми за одвикнување од дрога, а е отворен во соработка на општина Атина со Организацијата за борба со дрога, Центарот за третман на зависници, добротворната организација на атинската Архиепископија, како и со поддршка на грчки невладини организации, јави дописничката на МИА од Атина.

-На овие луѓе не сакаме да им нудиме само еден дом каде што можат да престојуваат. Сакаме да им дадеме заштита, медицинска нега, грижа и достојни услови за живеење, кои што им се потребни, рече градоначалникот на Атина Костас Бакојанис.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2020 13:01