Србија досега има евидентирано 8.042 заразени лица со коронавирусот, 156 починати и 1.182 излечени граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

Во изминатите 24 часа, тестирани се 4.365 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот изнесува 263 лица или процентуално околу 6 отсто, со што вкупно во Србија со Ковид 19 заразени се 8.042 граѓани, изјави на владината прес конференција главниот епидемиолог на кризниот штаб Предраг Кон.

Вкупниот број тестирани лица заклучно со денес во Србија изнесува 64.303 лица, а досега се излечени 1.182 пациенти.

Во Ковид болниците и привремените центри хоспитализирани се 3.044 пациенти, од кои 85 лице со влошена клиничка слика е ставено на респиратор.

-Од вирусот во изминатите 24 часа починаа 5 лица, 2 мажи и три жени, со што вкупниот број на починати се искачи на 156 лица, од кои 37 починати лица се пациентите од Геронтолошкиот центар во Ниш, кажа Кон.

Од 8.043 вкупно заразени со коронавирус, над илјада лица се здравствени работници и штитеници во геронтолошките центри или 545 се здравствени работници, а 561 се штитеници и 149 вработени во установите за социјална заштита.

-Во Србија вкупно 88 деца се лечат од епидемијата и капацитетите за лечење на овие пациенти се пополнети, пред се во Ниш. Половина од заболените деца се од Белград, а другата половина се од останатите делови на Србија, но сите тие се чувствуваат добро, изјави епидемиологот Кон, кој додаде дек во КЦ Драгиша Мишовиќ во Белград, 3 бебиња се позитивни на вирусот, 4 родилки и 6 бремени жени.

Објаснувајќи ја тешката состојба со Геронтолошките центри Кон изјави дека суштината на лошите настани во центрите за геронтологија е поради тоа што не се пријавуваат на време.

-Ова се третира како срам и ги спречува луѓето да пријават, тргнуваат прозивките што тоа се случило и тоа ги плаши луѓето. Треба веднаш да се пријави доколку овие лица имаат респираторни симптоми и да не чекаат ниту секунда дури и кога им се чини дека ќе помине, кажа Кон.

Тој оцени дека враќањето на животот во нормала е неопходно, но мора да оди бавно.

-Неизбежно е дека мора да живееме и да работиме, мора да обезбедиме редовен живот со вирусот и функционирањето на економијата и на здравствениот систем. Од друга страна, треба да разбереме дека овој вирус нема намера да нè остави и дека она што го имаме на располагање е сè што имаме во моментот – мерките за дистанцирање и мерките за изолација се исцрпени. Сега, треба на мерките да им обезбедиме што е можно помалку вирусот да се шири, оцени Кон, кој додаде дека допрва ќе се согледа како вирусот ќе се пренесува во текот на летото, бидејќи има информации, дека вирусот се пренесува и таму каде што има ултравиолетово зрачење.

Во Србија на сила е забраната за движење за време на викендот, која почна во петок во 18 и ќе трае до понеделник во 5 часот, а српската влада соопшти денес дека забраната за движење за првомајските празници ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до 5 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2020 16:41