Трисет илјади заштитни маски добила општина Тетово од владините институции за кои од Кризниот штаб соопштија дека дел ќе се дистрибуираат до домовите на граѓаните. Кризниот штаб денеска одржа девети состанок.

– Владата позитивно одговори на барањето на Кризниот штаб на Општина Тетово и добивме донација од 30.000 заштитни маски кои ќе бидат дистрибуирани во домовите на граѓаните, а дел од нив ќе бидат дистрибуирани и до вработените во ЈКП Тетово и Територијалната противпожарна единица, кои секојдневно вршат дезинфекција на улиците и ја одржуваат хигиената во Општина Тетово, истакна градоначалничката Теута Арифи по денешниот состанок на Кризниот штаб.

Според Кризниот штаб, во тетовскиот регион има 74 лица заразени со коронавирус. Од друга страна попладнево Министерството за здравство објави дека вкупно се 75 лица.

-Сакаме да го потенцираме фактот дека во општина Тетово се идентификувани 5 нови извори или кластери на можна инфекција со КОВИД19, па затоа е многу важно граѓаните да бидат многу внимателни и да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните здравствени органи.

Апелираме до сите граѓани да го следат регуларниот начин на лекување, особено да се почитува здравствениот протокол на правилно презентирање на симптомите пред матичните лекари и надлежните здравствени установи, истакна Арифи.

Тетово повторно има најмногу заболени, 29 (двајца починати), општина Боговиње 26 заболени (еден починат), општина Теарце пет заболени, општина Брвеница шест заболени (еден починат), општина Јегуновце и општина Желино по четири заболени. Министерството за здравство објави дека денеска се бележи и прв смртен случај во Желино, 58-годишна жена на Клиниката за инфективни болести.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2020 17:31