Во пресрет на продолжениот празничен, првомајски викенд, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните кои наредните денови планираат излети во природа, строго да се придржуваат на владините одлуки и препораките од здравствените власти.

Максимална лична заштита и претпазливо однесување кон природата и сообраќајот. Да не се собираат на едно место повеќе од двајца, да внимаваат на пропишаната дистанца и на задолжителното користење на заштитни средства.Покрај ова, на граѓаните им се укажува да не палат огнови на отворен простор, кои брзо и лесно можат да предизвикаат пожар, порачуваат од СВР Тетово.

Потенцираат дека со оглед на очекуваната зголемена сообраќајна фреквенција на подрачјето, на возачите им се советува максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, прилагодување на брзината според условите на патот и да не управуваат возила под дејство на алкохол.

СВР Тетово во овој период ќе ги засили контролните активности на сите патишта и законски ќе ги санкционира откриените прекршоци, со цел да обезбеди непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, соопштија од тетовската полиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2020 14:52