Градоначалничката на Македонска Каменица Соња Стаменкова денеска соопшти дека разликата од својата плата до 14.500 денари ќе ја донира во Фондот за борба против вирусот КОВИД-19.

-Како градоначалник на општина Македонска Каменица, сакам да ве известам дека, јас и именуваните функционери на општинските установи, без оглед на одлуката од Уставниот суд на Република Северна Македонија, ќе ја донираме разликата од нашите плати до 14.500 денари во Фондот за борба против вирусот COVID-19, рече Стаменкова.

Испрати апел и до останатите државни функционери да донираат секој во рамки на своите можности.

-Борбата против корона вирусот и вонредната состојба се момент во кој е неопходно, ние како први луѓе на општините да бидеме солидарни со тоа што ќе ја подигнеме свеста за колективна одговорност кај секој граѓанин. Само заедно и сплотени ќе излеземе посилни од оваа криза, додаде Стаменкова.

Апелираше на почитување на мерките и препораките од Владата, со што општина Македонска Каменица и понатаму ќе биде општина во која нема позитивен случај на Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2020 15:41