Во Дебар и Центар Жупа, двете општини кои беа првото жариште на коронавирусот во државава, при крај е скринингот за имунитетот на населението, што почна пред една недела.

Според раководителот на работната единица на Центарот за јавно здравје во Дебар, Ментор Меља, без проблеми се одвива оваа значајна активност и истата се очекува да заврши денеска или најдоцна до утре.

– Непречено во двете општини се одвива скринингот на наслението и до денес до 13:00 часот направени се над 2.100 тестови. Вкупно во двете општини треба да бидат направени 2.342 теста. Може да се каже дека веќе сме на крај на реализацијата на скринингот, изјави за МИА епидемиологот Меља.

Тестирањето го вршат 14 матични лекари, меѓу нив и педијатри и гиниколози а опфатени се 30 отсто од населението. Врз основа на препораката од Министертвото за здравство, се тестираат деца со 14 годишна возраст, лица од 25 до 64 години како и лица над 65 години.

Од Работната единица исто така информираат дека од почетокот на пандемијата до сега направени се 270 тестови на сомнителни случаи, од кои позитивни биле 51. Оздравени се 46, починати четворица, додека за уште еден заболен се очекуваат резултати од вториот тест.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2020 23:40