Продолжува загадувањето на реката Брегалница во делчевско. Риболовци алармираат за големи купишта ѓубре кај месноста „Баткова чешма”, која е на само неколку метри од реката Брегалница. Според нив, грдата слика е честа глетка во долното течение на Брегалница.

-Често ловиме риба во близина, но ова што овде се случува е за жалење. Станува збор за отпад кој требало да се фрли кај отпадот за градежен шут во Делчево. Толкав пат да поминеш за да го фрлиш во реката треба едноставно да имаш нечиста совест, велат риболовците.

Тие денешниот ден го искористија за да си ја пробаат среќата во ловење риба.

-Времето е идеално за риба. Од утрово имавме ситен дожд кој придонесе таа да биде повеќе на површината, па и затоа „гризе” повеќе. Имавме добар улов кој ќе го искористиме за да ја подготвиме оваа превкусна Брегалничка риба, вели риболовецот Тони Јовановски.

Сепак, за да опстои рибниот фонд, апелираат надлежните да преземат мерки за откривање на фрлачите на ѓубре, кои се повеќе го гушат животинскиот свет во Брегалница.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2020 14:48