Голем број жители на Тетово овој викенд, во периодот пред полицискиот час, го искористија да поминат барем еден час на отворено, на чист воздух и да пешачат на единствената подолга пешачка патека долж реката Пена во правец кон месноста Бањиче.

Движењето по два и пол километарската патека е прилика да се почувствува различен амбиент во споредба со градот. Почетокот на патеката на самиот излез од градот е десетици метри повисоко од коритото на реката Пена па нешто позасилен ветер ги пречекува луѓето кои се упатуваат кон Бањиче.

Движењето потоа претставува и налик на движење низ шума, со оглед дека правецот на патот и патеката се во нагорна линија на некој метар повеќе надморска височина. Сега на пролет кога Шар Планина раззеленува, плени убавината на природната околина во разните нијанси на зелена боја како и боите на разцветаните дрвја.

Месноста Бањиче за многумина претставува крајна дистанца за пешачење каде завршува асфалтираниот пат и патеката, но и место каде се наоѓа главниот извор со минерална вода за која се смета дека има и лековити својства. Дел од луѓето се движат и понатаму покрај реката Пена по земјена патека. Долж патеката се наоѓаат и повеќе помали извори и чешми со минерална вода.

До 2014 година изворот со минерална вода масовно се користеше од жителите кои ја носеа и дома поради верувањато за лековити својства. Тогаш беше затрупан поради изведување градежни работи. Водата повторно почна да тече пет години подоцна во 2019.

Деновиве пешачката патека до Бањиче масовно се користи со оглед на потребата на граѓаните за раздвижување поради подолгите периоди на останување дома во насока на спречување на коронавирусот. Тука се и полициски патроликако и полициски службеници кои ги предупредуваат граѓаните на потребата за одржување на дистанца и користење заштитна опрема за лице.

За пешачење во Тетово се користи и патот кој од градот води и до ридот Балтепе и Калето.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2020 15:03