Скратување на времето за ограничено движење и отворање на кафетериите кои пијалаците ќе ги служат преку шалетри по принципот на „земи-носи" се дел од барањата на локалниот Кризен штаб за општините Гостивар, Маврово Ростуше и Врапчиште.

Барањата ќе бидат испратени до Централниот штаб, беше кажано на прес-конференцијата по одржувањето на 13. состанок.

Еден од заклучоците кои ги презентрира градоначалникот на општина Гостивар се однесува на полицискиот час, кој како што рече, треба да се скрати.

– Во работните денови, ограничувањето да биде во периодот од 23 навечер до 5 наутро, а за викендите од 19 до 5 часот. Исто како и минатата недела, повторно ќе испратиме барање за да се дозволи кафетериите да работат по принцип „земи носи". Став на нашиот штаб е дека тоа може да се примени, рече Таравари.

Тој нагласи дека сé уште нема добиено официјален одговор на претходното барање, иако, како што рече, на 30 април претходното барање било разгледувано на состанок на државниот кризен штаб. Тоа, како што потенцира, е важно за тоа што е решено да се практикува и во гостиварско.

Според Таравари, продажбата на кафе од шалтер не е ништо поразлично од продажбата на прехрамбени артикли, а во значајна мера ќе им помогне на угостителите.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2020 14:54