Кавадарци полека ги разлабавува мерките против коронавирусот, општината засега нема финансиски дефицит, добро се следат економските мерки од Владата, рече денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, одговарајќи на новинарски прашања.

– Општината е меѓу ретките во државата кои работат со полн капацитет, почитувајќи ги мерките за заштита од Владата. Во тек се изградбата на повеќенаменската велосипедска патека до месноста Моклиште, изградба, доградба и реконструкција на претходно долго напуштени патишта, следува и останата интензивна комунална изградба, винската куќа музеј, скејт паркот и игралиште се во завршна фаза, интензивно се работи на инфраструктурата на Западен булевар. Набргу очекуваме нов лик со три ленти и велосипедска патека на улица „Шишка“, информираше Јанчев.

За од понеделник најави почеток на доизградба на нова, 11.5 илјади метри нисконапонска мрежа. Сите населби кои досега немаа улично осветлување, ќе го добијат. Тоа, како што рече, ќе значи нов лик на градот. Ќе се заменат и постоечки 800 светилки во централно и прицентрално градско подрачје, со што ќе се подобри осветлувањето во ноќните часови.

Јанчев соопшти и дека е завршена тендерската постапка и ќе следи крајната фаза од уредување на коритото и кејот на реката Луда Мара. Завршен е и колекторскиот систем до после селото Марена.

Заменик градоналалникот Никола Трендафилов одржа прес-конференција на која ги соопшти заклучоците од денеска одржаниот состанок на општинскиот Штаб за заштита. Со мерките, се задолжува комуналното претпријатие за почитување на мерките за заштита на градскиот пазар. На пазарот ќе можат да се вратат и трговците поединци кои не продаваат прехранбени производи, откако претходно, заради вирусот, извесен период дозволена беше само продажба на храна. Ќе продолжи и редовната дезинфекција и аеродезинфекција во општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2020 15:00