Мобилните тимови на Општина Гевгелија, за време на вонредната состојба за поефикасно справување со коронавирусот, неделава се ангажирани во спроведување на петтата акција за делење помош на семејствата од социјално ранливите категории.

Помошта, како што соопшти Општина Гевгелија, што се состои од 200 пакети со прехранбени артикли и средства за лична хигиена на адреса на Општинскиот кризен штаб пристигна деновиве од Здружението за хуманитарни цели „Сите заедно можеме“ од Струмица.

Од Општина Гевгелија посочија дека нивните мобилни тимови до крајот на работната недела пакетите ќе ги достават на 200 социјално загрозени семејства од градот и населените места, според список што за таа цел го имаат добиено од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Гевгелија.

Претходно хуманитарни пакети за ранливите категории граѓани донираа уште неколку општествено одговорни компании и здруженија на граѓани од Општина Гевгелија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2020 13:51