Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, денеска во населбата Драчево го означија почетокот на проектот за делење на 3.000 заштитни маски, кои ги донираше Словачката амбасада.
– Почнуваме да делиме маски од пазарот во Драчево, каде што има аптеки и банки, ќе продолжиме и на локациите каде што знаеме дека им се најпотребни на нашите сограѓани. Апелирам да се почитуваат сите мерки и препораки на Владата, да се грижиме заедно за нашето здравје, а ние и понатаму остануваме посветени во насока за грижа за здравјето на нашите жители. Изминатиов период поделивме преку десет илјади маски, поставивме преку 300 држачи со средства за дезинфекција во колективните згради. Пет пати ги дезинфициравме сите згради и јавните површини. Општина Кисела Вода ќе успее со своите партнери, со сите помагачи и заедно со граѓаните само доколку во целост ги почитуваме препораките на Владата, изјави градоначалникот Темелковски и се заблагодари за донацијата.
Амбасадорот Маркуш рече дека Словачка и Македонија се релативно успешни во борбата против вирусот. – Ние како држава бевме меѓу првите што ги затворија границите, кај нас е многу голема дисциплината. Секоја наша акција, како и оваа е добредојдена за што побрзо справување со вирусот Ковид-19, посочи Маркуш.
Проектот „Да се заштитиме од Ковид 19“ локалната самоуправа го реализира во соработка и со здружението „Добредојде Македонија Welcome Centre“, наведуваат од општината Кисела Вода.