Понеповолни се очекувањата во преработувачката индустрија според раководителите на овие деловни субјекти. Во март годинава во однос на февруари нивните очекувања се понеповолни во однос на состојбата на обезбедноста на производството, обемот на производството во наредните три месеци, а залихите на готовите производи се намалени.

Оценките на раководителите на деловните субјекти, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, е дека индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во март 2020 година е намален за 7,7 процентни поени во однос на февруари 2020 година и изнесува 15, а во однос на март 2019 година е намален за 5,7 процентни поени.

Понеповолни оценки имаат и за економската состојба на деловните субјекти, а очекуваат и бројот на вработените да се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во март 2020 година изнесува 67,3 отсто од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имале недостигот на квалификувана работна сила со 19,5 отсто, недоволната странска побарувачка со 18,5 отсто, неизвесното економско опкружување со 14,8 отсто и недоволната домашна побарувачка со 11,3 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2020 23:37