Сто осумдесет и еден стартап одат во фазата на финална селекција на вториот јавен повик “Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој и Светската банка, информираат од Фондот.

Со оваа мерка, вкупниот буџет на повикот од 1,5 милиони евра ќе се намени за инвестициски планови приспособени кон потребите за брз развој и почеток на економско заздравување.Фондот на овие апликанти им овозможи и приспособување на веќе доставените инвестициски планови кон новонастанатите услови на пазарот.

Вкупниот износ на планираните инвестиции кај овие новоосновани компании е над 6,5 милиони евра, од кои 1,4 милиони евра се сопствени средства на домашните компании. Побаруваниот износ е 3,5 пати повисока од предвидениот обем на средства кој за овој јавен повик е 1,5 милиони евра.

Околу 80 отсто од апликантите, или 147 се нови, односно првпат поднесуваат предлог – проекти до Фондот, 33 аплицираат втор или повеќе пати, додека само пет се постојни корисници на средства на Фондот.

Според анализите, овие компаниите планираат 512 нови вработувања за реализација на предложените проекти. Најголем дел од нив се микро (158) и мали (23). Доминантен е ИТ секторот, но апликации има и од 14 други области, меѓу кои маркетинг, трговија и продажба, медицина и здравство, како и угостителство, земјоделство и образование.

Фокусот на овој инструмент се младите, а целта е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Процесот на финална селекција продолжува онлајн, во согласност со препораките за превенција и заштита од КОВИД 19. Проценката на ризик и предложените мерки за приспособување од самите компании се и составен дел од натамошниот процес на евалуација и одлуката за доделување на кофинансирање. Конечната одлука за кофинансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти согласно утврдените критериуми за оценка: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание.

Од Фондот наведуваат дека на повикот “Стартапувај 2“ имаше рекордни 235 пријавени компании, што е за 30 отсто повеќе во споредба со првиот повик наменет за поддршка на стартапи реализиран минатата година на кој беа пријавени 186 апликанти. Од нив 203 преминаа во фазата на претселекција за која беа ангажирани дел од над 200 домашни стручни лица, организирани во 23 области.

Покрај можностите за приспособување кон новонастанатите услови на пазарот на веќе доставените инвестициски планови за два тековни јавни повика објавени пред кризата – Технолошки развој и Стартапувај 2, Фондот во соработка со Светската Банка и други домашни и меѓународни партнери работи и на натамошни мерки што треба да овозможат итна поддршка и брзо приспособување на бизнисот и економијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2020 11:23