Пилотот на Ферари, Шарл Леклер го изрази воодушевувањето за неговиот колега Себастијан Фетел, откако денес стана јасно дека Германецот нема да го обнови својот договор и ќе го напушти тимот на крајот на сезоната.
Фетел е дел од Ферари од 2015 година, но никогаш не успеа да го повтори успехот од престојот во Ред Бул, кога четири пати стана светски шампион. Минатата сезона Германецот дури настапуваше полошо од 22-годишниот Леклер, освојувајќи помалку победи, подиуми, поени и пол-позиции.
– Ми беше голема чест да бидам твој тимски колега. Имавме неколку напнати моменти на патеката. Некои од нив беа многу добри, а други не завршија онака како што сакавме, но секогаш имаше почит меѓу нас, и покрај тоа што не изгледаше така однадвор. Никогаш не сум научил толку многу од колега, како од тебе. Благодарам за сè, Себ, напиша Леклер на Твитер, откако беше потврдена веста за заминувањето на Фетел.
Ова значи дека од следната година Леклер ќе биде водечки пилот на „Скудерија“, а останува да се види кој ќе биде неговиот партнер, а меѓу имињата кои се споменуваат се Даниел Рикардо од Ред Бул и Карлос Сајнц од Мекларен.