Тимот на Ферари преговара со возачот на Мекларен, Карлос Сајнц, за ангажманот за 2021 година во првенството во Формула 1.
Како што објави денес „Скај“, преговорите напредуваат, иако Сајнц има договор со Мекларен.
Ферари бара возач откако не беше постигнат договор со Себастијан Фетел, кој ќе го напушти италијанскиот тим на крајот на сезоната.
Во 2015 година, Сајнц го направи своето деби во Формула 1 заедно со Макс Верстапен во тимот на Торо Росо.
Тој се пресели во Рено во 2017 година, но минатата сезона беше најуспешна во неговата кариера, кога го зазема шестото место во возачката конкуренција со Мекларен, со место на подиумот на трката во Бразил. Главниот кандидат да го замени Сајнц во Мекларен е Даниел Рикардо, чиј договор со Рено истекува на крајот на годината.
Можно е и двата тима да ги објават своите одлуки до крајот на неделава.
Четирикратниот светски шампион Фетел не откри дополнителни планови, а многумина шпекулираат дека тој би можел да се повлече од Формула 1.