Иницијативата Womenpreneurs Stories и асоцијацијата Стартап Македонија, заедно со тимот од ЦЕЕД Хаб Skopje, го организираат петдневниот буткамп за жени претприемачи, првпат за сите 11 балкански земји. Буткампот е бесплатен и ќе почне во последната недела од мај.
Како што најавуваат организаторите, Програмата е наменета за жени кои првпат стануваат претприемачи, а сите заинтересирани учеснички можат да аплицираат на повикот најдоцна до 24 мај, 2020 година. Ќе бидат избрани жени кои основале стартап бизнис во последните три до шест месеци или ќе започнат сопствен бизнис во следните девет до 12 месеци.
-Нешто што почна како иницијатива во Скопје, да се афирмираат инспиративните жени во бизнисот и жените на лидерски позиции, две години подоцна прерасна во структуриран петдневен буткамп, за жени кои стануваат претприемачи првпат. Бидејќи првиот ваков буткамп помина одлично и со оглед на сегашната ситуацијата со која е соочен светот, сакав да испробам концепт што отсекогаш сум го имала во глава, да се обединат сите балкански земји и да се создадат врски за соработка. Станувањето партнер со организации од сите земји беше одлично искуство, иако сега ќе соработуваме онлајн, се надеваме дека следниот регионален буткамп ќе го одржиме во некоја од балканските земји, вели Нина Николиќ, лидер и иницијатор за Womenpreneurs Stories и овој Балкан Буткамп.
Со поддршка на Стартап Македонија и Швајцарската програма за поддршка на претприемништвото (SwissEP), идните лидери од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија и Словенија ќе имаат можност да учат од локални и меѓународни експерти.
-Ги креиравме модулите да покријат теоретско и практично искуство во стартап и иновацискиот екосистем, правни аспекти, наоѓање клиенти, бизнис модел канвас, формирање тим, раскажување приказна и презентирање, дигитален маркетинг, подготвеност за добивање инвестиции, пристап до странски пазари. Но, најважно е што тие ќе можат да учат и да соработуваат со истомисленици од нашиот регион, додава Николиќ.
Улогата на CEED Hub Skopje е да ги поддржи жените кои стануваат претприемачи првпат и да обезбеди техничка, правна, маркетинг, менторска и други видови помош во насока на основање сопствен бизнис.
-Со нашиот ЦЕЕД клуб на жени претприемачи и менаџери и онлајн порталот Women in Adria, активно работиме на засилување на способностите, особено, на жените во нашето општество во насока да бидат храбри, одважни, сигурни во себе и да бидат бестрашни во светот на бизнисот каде доминираат мажи. Сметаме дека овој семинар е одлична можност за оние кои ја следат нашата работа да добијат конкретни совети како да развијат сопствен бизнис, да го разработат, особено со оглед на фактот дека ваков вид активности се комплементарни со она што го работиме. Искрено веруваме дека заедно сме посилни, и веќе планираме да ги развиеме и прошириме нашите активности, посочи Елена Хаџи Пецова, програмски менаџер во ЦЕЕД Хаб Скопје.