Националната федерација на фармери (НФФ) соопшти дека бара во пакетот економски мерки подеднакво да бидат опфатени земјоделците и земјоделството, бидејќи овој сектор е исклучително значаен за обезбедување стабилна економија, посебно во делот на обезбедување на храната во оваа тешка ситуација во државаав предизвикана од коронавирусот.
Според Федерацијата, економските мерки треба да опфатат поддршка за земјоделството и земјоделците во насока на решавање на проблемите со откупот и пласманот, бидејќи основен проблем во земјоделството предизвикан од корона пандемијата се нарушените синџири на продажба, а тоа било забележително на самиот почеток на пандемијата кога имаше проблеми при откупот на јагнето и пролетната зелка.
Со вториот пакет економски мерки на Владата се изоставени регистрираните индивидуални земјоделци кои исто така остваруваат доход преку земјоделската работа и плаќаат придонеси кон државата. Со дополнителна Уредба1 на Владата се опфатени трговците-поединци, занаетчиите и регистрираните земјоделци и други лица кои се третираат како вработени за сопствена сметка односно даваат услуги од кои обезбедуваат доход и имаат право на финансиска поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај. Со оваа економска мерка се опфатени само регистрираните земјоделци согласно Законот за трговски друштва и Законот за вршење на земјоделска дејност, а не и регистрираните индивидуални земјоделци според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои исто така даваат услуги, од кои обезбедуваат доход, истакнуваат од Националната федерација на фармери.
Истиот проблем, како што нагласуваат, се појавува и кај Јавниот повик бр.1 COVID 22 на Развојната Банка на РМ, каде се овозможува директно кредитирање без камати и хипотеки на микро, мали и средни претпријатија од компензациони фондови од странска помош, каде се опфатени само регистрираните земјоделци регистрирани според Законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за трговски друштва, а не и регистрираните земјоделци регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Националната федерација на фармери бараат измена на Уредбата3 со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, погодени од здравствена економска криза предизвикана од коронавирусот за време на вонредната состојба, со тоа што во категоријата на физички лица кои вршат самостојна дејност да бидат вклучени и земјоделците регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да добијат финансиска поддршка за месеците април и мај во износ од 14.500 денари, доколку имаат загуби.
– Со цел да се излезе во пресрет на производителите на храна, бараме да се донесе одлука на Влада за Развојната банка на Република Македонија да овозможи поволна кредитна понуда и за фармерите регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок на непродадени количини и загуба во својата работа, како последица од сегашната здравствена – економска криза во државата предизвикана од коронавирусот. Развојната банка да понуди кредити без камата, без дополнителни оптоварувања со хипотеки и флексибилен период на отплати или да ја вклучи оваа категорија регистрирани земјоделци дополнително во рамките на јавниот повик бр 1 COVID 24 за поднесување на апликации за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија регистрирани во РМ од компензационите фондови од странска помош. На ваков начин на земјоделците ќе им се овозможи да го диверзифицираат својот извор на приход (пр. агротуризам, угостителство, или подобрување на продуктивноста на производството преку набавка на технологии за преработки, и приоритет да се даде на поддршка на инвестициски активности на младите фармери и земјоделките) во услови кога нивното производство не може да се откупи поради настаната здравствено – економска криза во државата, потенцира претседателот на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.
Од Националната федерација на фармери бараат сите апликантки кои ги исполниле условите и поднеле комплетна документација за мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2019, да добијат грант. Во програмата финансии се предвидени за 100 жени земјоделки, а согласно информациите од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој аплицираме 400 жени земјоделки. До јуни 2020 да бидат разгледани сите апликации за мерката 115 и одобрени оние што ги исполниле условите. На ваков начин директно ќе се поддржат жените од руралните средини, кои се соочуваат со голем број на предизвици во овој период, истакнуваат од Федерацијата.
Мојсовска посочува дека оваа мерка е посебно значајна за земјоделките посебно сега кога е констатирано од терен дека негативните ефекти од здравствено – економската криза во државата предизвикана од коронавирусот влијаат врз жените во руралните средини, бидејќи нивниот обем на работа е сега зголемен и дома и на поле, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван.
– Во првата половина на април НФФ спроведе анкета со жените од руралните средини, која е активност од проектот „Институционална поддршка на НФФ“, поддржан од Шведската организација за развој We Effect , така што 85 отсто од жените кои се членки на НФФ (во НФФ челнуваа 175 жени од рурални средини) истакнаа дека сега нивната работа е зголемена и дома и на поле, бидејќи во земјоделството има недостаток на сезонски работници и сами со своите сопрузи и најтесното семејство ги извршуваат активностите на поле, а дома и понатаму целосната обврска е падната на нивен грб. Поддршките за економско јакнење на руралните жени се важни и во таа насока потпишана е Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини потпишана од Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој, Министерство за земјоделство, Министерство за труд и социјална политика во 20185, вели Мојсовска.
Жените од руралните средини, потенцираат од Федерацијата, се соочуваат со голем број предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Педесет и осум отсто од сите рурални жени немаат лични примања, двојно повеќе од мажите во руралните средини. Жените работат во просек 11.06 часа на ден (41,7 отсто од вкупниот обем на работа потпаѓа на неплатена работа). Мажите работат во просек 9.68 часа на ден – главно, платена работа. Сега нивната работа е зголемена. Имено, препораката на НФФ е во согласност со препораките на извештајот за РМ на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации, во кој што се вели: „ За руралните жени треба да се обезбеди пристап до субвенции и мерки за рурален развој до највисок можен степен и брза реализација“. Нашата држава е членка на ОН и има обврска да ги почитува и спроведува препораките на Комитетот на ООН и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, додаваат од Националната федерација на фармери.