Најнов извештај кој се однесува на итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и на одлуките за избор на најповолна понуда изработи Центарот за граѓански комуникации.

Главните наоди во овој мониторинг период вклучуваат:

- Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори.

- Дури 71 % од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми.

- Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче.

- За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето.

- Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

- Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици.

Состојбата со новиот коронавирус и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.

Центарот за граѓански комуникации ги следи итните набавки поврзани со новиот коронавирус за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел рационално искористување на ограничените јавни ресурси во земјава.

Овој е трет од планираната серија извештаи кои се објавуваат периодично. Извештајот и базите на податоци во отворен формат можете да ги најдете и на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/94?Category=2



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2020 16:27