Стоматолозите алармираат за зголемените трошоци за заштитна опрема согласно протоколите за работа, со цел превенција од ризиците од вирусната инфекција Ковид 19. Стоматологијата се наоѓа на врвот како една од најризичните професии во време на пандемијата, поради работа каде има можност за зараза од аеросоли поради работа на растојание помало од половина метар. Ризикот за докторите, вработените, нивните семејства, но пред се за пациентите, во услови на Ковид 19 е голем. Со цел заштита и превенција во стоматолошките ординации, потребна е нова вонстандардна опрема за лична заштита согласно новите протоколи за работа, што опфаќа, работна униформа со долги ракави и заштита на вратот, N95,FFP3 или FFP2 маска, визир, еднократно заштитно одело, скафандер или мантил за еднократна употреба, зависно од интервенцијата.
Зголемени се цените и на материјалите и на средствата за дезинфекција, а исто така ограничени се и стоматолошките интервенциите кои можат да се пружат на пациентите. Намален е приемот на пациенти заради почитување на мерките и протоколите и сето ова допринесува за зголемување на цената на услуга од 500-1500 денари зависно од интервенцијата.
Групацијата за приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија заедно со Здружение на доктори специјалисти концесионери од специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита, како и со Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина испратија допис до ресорното министерство, по одржаниот состанок со министерот за здравство на 12 мај 2020 година, со конкретни предлог-економски мерки за ПЗУ, како и обезбедување на лична заштитна опрема и продолжување на преговорите со Фондот за здравство, за што се уште се очекува одговор.
Во ова време на криза, кога е намалена финансиската моќ на пациентите, товарот не треба да падне на пациентите, покрај стоматолошката услуга, пациентите да треба да плаќаат повеќе за вонстардната опрема. Капитацијата од 48 денари и цените на услугите при договор склучен со Фондот за здравство не ја вклучуваат и дополнителната опрема. Во таа насока потребно е итно отпочнување на преговори со ФЗО, бидејќи во овој момент моделите се нефункционални и се на штета на пациентите и докторите по стоматологија.
Стоматолошките ординации беа ставени во вонреден режим од 11 март, а подоцна и целосно затворени по препорака на Министерството за здравство, ФЗО и Стоматолошката Комора, се со цел превенција на ширење на епидемијата.
Од 13 Мај ординациите започнаа со работа под посебни услови со ограничен број на интервенции и ограничен број на пациенти.
Приватните здравствени установи се дел од здравствениот систем во Македонија и даваат значаен придонес во обезбедувањето на квалитетни здравствени услуги за осигурениците и пациентите воопшто.
Со почит,
Групацијата за приватно здравство при Сојуз на стопански комори на Македонија Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина Здружение на доктори специјалисти концесионери од специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита