Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Македонија (АППРСМ) објави нов Јавен повик за спроведување стандардизирани менторски услуги за микро, мали и средни претпријатија, кој е отворен до 19 јуни 2020 година.

Услугата – менторство е бесплатна, а се релизира според Методологијата развиена во соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и има за цел да обезбеди сеопфатна поддршка за непречен развој и подобри деловни резултати на економските субјекти во Македонија, соопшти Агенцијата.

Заинтересираните стопанственици – ММСП, ќе имаат на располагање обучено стручно лице – ментор, кој ќе работи директно со сопственикот / законскиот застапник / управата на претпријатието корисник одреден број на часови (50 часа по корисник). Сопственикот / застапникот / раководителот и менторот ги проучуваат тековните активности, причините за тековните проблеми или пречките за натамошен развој, клучните потенцијали за раст и врз основа на моменталната ситуација и потоа менторот и корисникот на услугите подготвуваат Акционен план или план за развој, стои во соопштението.

Стандардизираниот пакет услуги за микро, мали и средни претпријатија ќе се спроведува преку овластени ментори, работно ангажирани во надлежните Регионални Центри за развој на малите и средни претпријатија и кои се дел од Институционалната мрежа за поддршка на претприемништвото и малите и средни претпријатија на АППРСМ.

Услугата се однесува на бесплатно менторство за новооснованите микро, мали и средни претпријатија, не постари од 3 години од денот на објавување на Јавниот повик како и постоечки претпријатија, со бизнис подолг од 3 години (регистрирани пред февруари 2017 година), кои се наоѓаат во клучен момент за нивен понатамошен развој или опстанок на пазарот.

Право за учество на Јавниот повик за добивање на бесплатните менторски услуги имаат микро, мали и средни претпријатија, кои ги исполнуваат следниве услови: да се регистрирани на територијата на Република Македонија со доминантно домашен капитал; ги измириле сите јавни давачки (даноци и придонеси); не водат деловна активност во рамките на воената индустрија и не организирааат игри на среќа / лотарија;

Пријавите со сите придружни обрасци и документација се доставуваат лично или по пат на регистрирана пошта до надлежните Регионалните центри во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Велес, Струмица и Охрид со назнака: „Барање за јавен повик за менторски услуги во 2020 година”.

Јавниот повик е отворен до19 јуни 2020 година, а обрасците за апликација и адресите на Регионалните центри се достапни на веб-страницата на АППРСМ: www.apprm.gov.mk. За подетални информации, сите заинтересирани страни можат да се јават во Регионалните центри или АППРСМ преку е-пошта, mentoring@apprm.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2020 13:08