Секој министер би сакал да може и да предложи награда за своите луѓе. Но, предлогот не кореспондира со барањето што било доставено при кроењето на ребалансот. Два дена во најмала рака по скроен ребаланс, мораме да бидеме сите разумни и реални, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање околу платите од 15 илјади денари плус за вработените во МВР, кои ги најави министерот Наќе Чулев.

Оваа криза, рече Ангеловска, го извади најдоброто од голем број професионалци што работат во јавниот сектор и тука секако и оние кои ни го чуваа редот, мирот и безбедноста, тука се полицајците, тука е Армијата, пожарникарите, инспекторатите, комуналните работници …

– Сите тие заслужуваат да бидат препознаени и да бидат наградени, бидејќи работеа навистина во полн капацитет, двојно и над потенцијалот во справување со оваа криза. Исто така, има и во јавниот сектор коишто работеа други функционални области и сектори. Јас верувам дека ако го прашате секој министер ќе ви посочи кои се луѓето кои деноноќно се вистински професионалци и кои што буквално по 16-17 часа и саботи и недели работеле од своите области да се справат најдобро. Секој министер би сакал да може и да предложи награда за своите луѓе, изјави Ангеловска.

Според неа, и во Министерството за финансии и во Кризниот штаб, и во трезорот, во јавниот долг има луѓе кои се грижеа да најдат средства, да скројат ребаланс, да најдат начини за финансирање на мерките за да се поддржат граѓаните и стопанството и кои работеа и саботи и недели.

– И сите луѓе кои за оваа криза се залагаат и работат деноноќно треба да бидат наградени, бидејќи овие луѓе ја немаа онаа привилегија да работат од дома, да не бидат изложени на ризик за разлика од овие кои разговараме и полицијата, и Армијата и сите. Сметам дека ние сите како членови на Владата носиме уште поголема одговорност во оваа криза и треба да бидеме уште поразумни, реални и рационални во целиот тој процес, изјави Ангеловска.

Ребалансот, посочи таа, беше скроен пред два дена и министерот за внатрешни работи бил навистина кооперативен при изработувањето.

– Тој достави предлог за кратење од 88 милиони денари во МВР. Тој предлог беше ефектуиран. Овојпат при овој ребаланс, поставивме стандарди и концепт да ништо на своја рака Министерството за финансии не кратеше. Сите кратење, сите ефектуирани распределби и промени се на барање на буџетските корисници. Предлогот не кореспондира со барањето што било доставено при кроењето на ребалансот. Два дена во најмала рака по скроен ребаланс, мораме да бидеме сите разумни и реални, изјави Ангеловска.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2020 16:29