Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, се согласува дека 2021 година е „последната шанса“ да се одржат одложените Олимписки игри во Токио, потенцирајќи дека неговото одложување не може да трае вечно.

Бах рече дека ја поддржува позицијата на Јапонија дека Игрите треба да бидат откажани ако пандемијата на коронавирус не биде скротена до следната година. Потсетуваме дека во март летните олимписки игри во јапонската престолнина беа одложени до 23 јули 2021 година поради КОВИД-19, кој однесе животи на стотици илјади низ целиот свет и ги блокираше меѓународните спортови и патувања.

– Искрено, ја разбирам позицијата на Јапонија, затоа што 3.000 или 5000 луѓе не можат да бидат вработени во организациониот комитет засекогаш. Не можете да го менувате целиот спортски календар за сите водечки федерации секоја година. Спортистите не можат да продолжат да живеат во несигурност, рече тој за Би-Би-Си.

Лидерот на МОК додаде дека реорганизирањето на Олимпијадата е „огромен ризик“. Игрите никогаш не биле откажани во историјата, освен во периодот на двете светски војни. Сепак, јапонските организатори беа категрични дека нема повторно да го одложат најголемиот меѓународен спортски собир.

Бах предупреди дека „никој не знае“ како ќе се развива ситуацијата, но рече дека МОК ќе постапи по препорака на Светската здравствена организација (СЗО).

– Ние воспоставивме принцип, а тоа е да ги организираме овие Олимписки игри во безбедно опкружување за сите учесници. Никој не знае како ќе изгледа светот за една година и два месеци од денес, затоа мора да се потпреме на експертите, додаде тој.

Бах одби да коментира дали откривањето на вакцината ќе биде неопходно за Игрите, но не сака тие да се одвиваат без публика.

– Едноставно, него сакаме тоа. Бидејќи олимпискиот дух е за обединување на навивачите и тоа е она што ги прави Игрите толку уникатни – што се на Олимпискиот стадион, сите навивачи од целиот свет се заедно. Би сакал малку повеќе време да се консултирам со спортистите, со СЗО, со јапонските партнери, вели тој.

МОК веќе издвои 800 милиони долари за поддршка на организаторите и спортските федерации за дополнителните трошоци за одложување на Олимпијадата.

Според најновиот буџет, Игрите би чинеле 12,6 милијарди долари, поделени помеѓу организациониот комитет, јапонската влада и Токио. Но Бах рече дека не треба да има „табуа“ во намалувањето на трошоците за Олимпијадата следната година.

– Тие дефинитивно ќе бидат различни, и мора да бидат различни. Ако научивме една работа од оваа криза, тоа е да ги разгледаме важните работи. Значи, концентрацијата на овие важни работи мора да се рефлектира и не смее да има табуа во организацијата на Игрите, заклучи претседателот на МОК.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2020 17:17