Вкупно 69 компании од пристигнатите 188 апликации ќе добијат финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој. Средствата што ќе ги добијат ќе бидат наменети за набавка на опрема, дигитализација, софтвер за подобрување на организацијата и за реализација на проекти за енергетска ефикасност.

Државата ќе ја помогне реализацијата на инвестициите во компаниите со 4 милиони и 200 илјади евра, а компаниите ќе учествуваат со скоро 10 милиони евра.

– Ова е многу важен показател дека и во услови на криза има домашни компании кои се подготвени со минимална државна поддршка да инвестираат во сопствен развој, а со тоа во и развој на македонската економија. Со денешното објавување на резултатите, поттикнуваме инвестициски циклус во приватниот сектор на македонската економија од 14 милиони евра што е исклучително важно во период на економско заздравување, оцени директорот на ФИТР Јован Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.

Ова, според Деспотовски, покажува дека има здраво јадро во економијата кое заслужува да биде поддржано.

Проектите треба да се реализираат во следните 12 месеци, а според структурата главно доминираат малите и микро компании. Најголем број од компаниите се од Скопје. Доминираат проектите од областа на здравството и медицината, по што следуваат оние од трговијата и градежништвото.

Од вкупниот број на компании кои ќе добијат финансиска поддршка, поголем дел или 36 проценти се компании кои се пријавуваат втор пат или повеќе пати на повиците на Фондот кои претходно биле неуспешни што, според Деспотовски, значи дека се развива култура на упорност кај компаниите и приватниот сектор има доверба во ФИТР.

Она што треба да се подобри, вели Деспотовски, е тоа што е мал процентот на компании со жени на раководни позиции.

– За жал, делот на учество на жените во структурата на управители е 29 проценти. Лично, сметам дека жените се доста поподготвени за ризици така што се надевам дека можеби на следниот повик овие бројки ќе бидат поинакви, рече Деспотовски.

Компаниите кои не се избрани ќе имаат можност да се произнесат пред Комитетот за одобрување на инвестиции и доколку изнесат соодветни аргументи, нивниот проект повторно може да биде разгледан со можност да биде прифатен.

Директорот на ФИТР е задоволен од досегашното работење посочувајќи дека без денешните компании, вкупно 343 компании обезбедуваат финансиска поддршка со вкупен обем на инвестиции од 63 ипол милиони евра. Овие компании по основ на данокот на добивка, персонален данок на доход и придонесите уплатиле во буџетот 16 милиони и 772 илјади евра. Во нив работат 4.915 вработени.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2020 15:53