Битола слави истрчан маратон на еден од големите пријатели на градската трка „ТРЧАЈ БЕ“, Игор МС Јакимовски од Скопје.

Човекот кој истрчал 34 маратони од кои 7 домашни и 27 меѓународни вкупно на три континенти, се вели во соопштението, одлучи да го надмине својот личен рекорд.

За овој подвиг ја избра Битола и вчера во 6 часот наутро на релација Битола – Меџитлија во неколку повторувања до 42.195км за 2 часа и 47 минути успеа и го исполни своето ветување да биде под прогнозираните 2 часа и 50 минути.

На патеката го следеле двајца познати атлетичари во тркачки дисциплини, Кристијан Стојани и Љупчо Стојановски.

Ова е најтешката атлетска дисциплина, а да се биде во кондиција и да се истрча маратон е многу комплициран, долг и тежок процес. Игор вчера докажа, дека неговите 44 години се само бројка.

– Сум доживувал и победи и одлични пласмани и награди, но исто така и откажувања, колапс, крварење, губење свест, заминување на сред маратон и тонење во жив песок, вели овој познат македонски маратонец за своите претходни искуства.

Секој маратон е посебна приказна и совршена дефиниција за терминот кој го сакаат спортистите “научена лекција”.

За овој подвиг, се подвлекува во соопштението, тој се подготвуваше во изминатиот период, а само изминатиот месец истрча околу 650 километри за 30 денови.

Одработи и еден личен тест на полумаратон и го постави како што тој вели “лудиот предизвик”.

Успеа да го постигне најдобриот резултат во кариерата сам на светот без натпреварувачки карактер и тоа во ветеранските години – 44, а „ТРЧАЈ БЕ“ запишува уште еден настан во кој го слави трчањето од Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2020 15:06