Уредбите од третиот антикризен пакет тековно се носат. Некои веќе поминаа, а и денеска Владата има седница по која надлежните институции ќе излезат и ќе објават што е усвоено, рече вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.

-Некои од уредбите веќе поминаа, надлежните министерства ќе си ги објават. Денеска има седница на Влада по која ќе излезат надлежните институции и ќе кажат. Тековно ги носиме уредбите и секоја го зазема текот на својата имплементација, истакна денеска Царовска по посетата на Бунарџик, одговорајќи на новинарски прашања.

Во врска со барањата на странските инвеститори да има царински олеснувања за справување со последиците од корона-кризата и продолжување на мерката за исплата на плати, Царовска рече дека тие внимателно се следат, а денеска ќе има и онлајн состанок на генералниот секретар со Советот на странски инвеститори.

-Владата со посебна сериозност и внимание ги разгледува барањата на странските инвеститори. Денеска има и онлајн состанок на генералниот секретар со Советот на странски инвеститори за да се разгледаат не само можностите за продолжување на постоечките мерки, туку повеќе да размислуваме развојно, што е она што можеме да го понудиме за да привлечеме повеќе од нив, но и да им дадеме можност и да се развиваат со нови операции во нашата држава. Јас сум сигурна дека како и досега, така и понатаму, на истиот инклузивен начин ќе ги носиме одлуките како Влада и ќе излеземе во пресрет на секој што сака да ја развива нашата економија, а притоа да ги почитува протоколите и препораките од здравствената комисија и работничките права, напомена Царовска



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2020 15:57