Финансиска помош за обезбедување средства за хигиена, пролонгирање на поддршката од 14.500 денари и во јуни или разгледување на можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец, како и најавување датум за повторно отворање, бараат игротеките од Владата.

Тие денеска на прес-конференција се пожалија дека поради коронавирусот не работат веќе 80 дена, па имаат проблеми не само со обезбедувањето плати, туку и со плаќањето на сметките и кириите. Сепак, отпуштања во дејноста засега нема.

Игротеките не се против да направат скрининзи ако така одлучи Комисијата за здравство, но и за тоа, велат, се потребни пари.

– Платите се проблем, сметките за струја, комуналии и телефон се проблем, кириите се проблем. Нема игротека што не е во загуба од пандемијата. Поголемите веројатно имаат поголеми загуби, а помалите помали. Вработените се на работните места, а секоја компанија има до максимум десет вработени, не повеќе, рече претседателот на Групацијата на забавни и рекреативни дејности при Сојузот на стопански комори, Трајко Николовски.

Тој укажа и на неопходноста од дополнителни разговори со надлжените за прецизно да биде утврден протоколот на работа и превентивните мерки за повторно отворање на игротеките што е најдобро да биде на истот датум кога ќе се отворат и установите за згрижување деца.

– Во Групацијата членуваат пред сé микро и мали компании кои со донесената уредба на Владата за превенција од КОВИД-19, трет месец не ја вршат својата дејност. Работата им е намалена за сто проценти и не остваруваат никаков промет. Во секторот припаѓаат забавни и рекреативни дејности како игротеки за деца, но и голем број поврзани дејности, како приватни установи за грижа на деца и нивна едукација, дејности од прехранбената и услужната индустрија, истакна Николовски.

Објаснувајќи ја потребата од владина помош за која изрази уверување и дека ќе биде одобрена, Николовски потенцира дека е исклучително важно не само за вработените во игротеките, туку и за родителите и за децата, хигиената да биде на највисоко ниво. Родителите, нагласи Николовски, треба да знаат дека ќе игротеките ќе обезбедат услови за децата да бидат на сигурно, чисто, дезинфицирано – на место кое не е извор на зараза.

– За таа цел потребна е одредена помош од Владата со која би се обезбедиле средства неопходни за превенција и заштита, при работа во нашата дејност. За задржување на работните места и дејноста да може да опстои, потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за месец јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец. Потребно е да биде најавен и датум за повторно отворање на игротеките со оглед дека голем број прослави се одложени, рече претседателот на Групацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2020 11:54