Во рамките на проектот „Зголемување на пристапот и партиципацијата на учениците Роми до квалитетен ран детски развој и основно образование“ денеска беше поделена помош за 136 деца – Роми вклучени во предучилишно образование и ран детски развој во општина Шуто Оризари.
За нив се обезбедени 136 прехрамбени и 136 хигиенски пакети и школски прибор за 136 децата кои се таргетирани со проектот.
Од Ромскиот ресурсен центар од Скопје наведоа дека во рамки на проектот, пакети со храна, средства за лична хигиена и школски прибор ќе добијат вкупно 210 деца Роми кои спаѓаат во најранливите категории на семејства, а се вклучени во предучилишно образование во Шуто Оризари, Тетово и Гостивар.
– Покрај пакетите со храна, хигиена и школски прибор, во текот на наредната недела ќе се доделат и 170 таблети и интернет пакети за два месеца со 10 GB интернет за најзагрозените ученици Роми вклучени во прво, второ и трето одделение а се дел од програмата за туторска поддршка во рамките на проектот во општините Шуто Оризари, Тетово и Гостивар, кои немаат можност да ја следат онлајн наставата, посочија од Центарот.
Од Ромскиот ресурсен центар информираа дека целата помош се дели во координација и со поддршка од Општините, основните училишта и градинките во таргетираните општини.
– Целта на оваа помош е да се помогне на најранливите категории на деца и ученици Роми да можат успешно да продолжат со образовниот процес како и да се намалат последиците врз нивното образование поради ситуацијата со Ковид-19, истакнаа од Центарот.
Помошта е обезбедена со проектот „Зголемување на пристапот и партиципацијата на учениците Роми до квалитетен ран детски развој и основно образование“ кој е финансиран од Европската Унија и Ромскиот Едукативен Фонд од Будимпешта. Проектот го имлементираат Ромски Ресурсен Центар од Скопје во партнерство со Сонце од Тетово, а е менаџиран од Ромскиот Едукативен Фонд.
Овој проект е дел од програмата „Зголемени образовни можности за ученици Роми и млади Роми во земјите од Западен Балкан и Турција (РАРЕ) кој е имплементиран од Ромскиот Едукативен Фонд од Будимпешта.