Граѓаните и компаниите сè повеќе плаќања во земјата вршат со посредство на банките преку користење на кредитните трансфери и платежните картички. Вкупниот број плаќања извршени минатата година забележа годишен раст од 11,7 отсто при што е забележан поизразен раст на користењето на платежните картички, со што нивното учество во вкупните плаќања се зголеми и се изедначи со учеството на плаќањата преку кредитни трансфери, покажуваат податоците од Годишната информација за плаќањата во 2019 година, што на седница ја разгледа Советот на Народната банка.

Во однос на кредитните трансфери, во рамки на Годишната информација нагласено е дека електронските кредитни трансфери растат засилено во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија. При годишен раст од 5,2 отсто на вкупните кредитни трансфери минатата година, електронски иницираните кредитни трансфери растеле побрзо со стапка од 6,2 отсто во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто се зголемија за 4,4 отсто.

Според платежната статистика за минатата година, плаќањата со картички стануваат сè поприсутни во секојдневното купување на производи и услуги.

Податоците покажуваат дека продолжува интензивниот раст на плаќањата во трговијата со платежни картички и на годишна основа во 2019 година изнесува 20,7 отсто. Воедно, се зголемува и бројот на трансакции на физичките места на продажба со 20,4 отсто, но уште посилно растат плаќањата со картички на интернет со 29 отсто на годишна основа. Притоа, процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува постојано и минатата година достигна 29 отсто од населението кое користело интернет.

На седницата, Советот разгледал и донел нова Одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик, со којашто се прави понатамошно усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди (Базел III) и пред сѐ со одредбите на Регулативата на Европската Унија бр. 575/2013, како и со нејзините придружни акти, коишто се однесуваат на базелскиот ликвидносен стандард – стапка на покриеност со ликвидност (Liquidity Coverage Ratio – LCR).

Меѓу другото, со донесената одлука се воведуваат значајни новини во врска со стапката на покриеност со ликвидност на банките, што претставува сооднос помеѓу висококвалитетната ликвидна актива и нето паричниот одлив и се пресметува на месечно ниво, врз основа на состојбата на крајот на секој месец.

-Со оваа Одлука се воведува нов ликвидносен стандард за нашиот банкарски систем, со којшто покрај тоа што се врши усогласување со европската регулатива, може да се влијае позитивно и врз развојот на домашниот финансиски пазар. Поконкретно, меѓу другото со Одлуката се пропишуваат различни видови финансиски инструменти коишто банките ќе можат да ги користат за добивање ликвидност. Оттука, се очекува по отпочнувањето на примената на оваа Одлука да се зголеми мотивираноста за појава на нови инструменти на домашниот пазар или евентуално за вложување на домашните банки во нови инструменти на странските пазари, се вели во соопштението од народната банка.

Со оглед на новините кои се воведуваат со Одлуката и потребата за соодветно приспособување на системите на банките кон новите барања, од Народната банка таа ќе се применува од почетокот на следната година. Со отпочнување на примената на Одлуката и воведувањето на стапката на покриеност со ликвидност, ќе престане обврската за банките за утврдување и одржување на постојните стапки на ликвидност до 30 и 180 дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2020 13:34