Невладините организации АДР „Сонце“ од Тетово и Ромски ресурсен центар од Скопје во партнерски проект обезбедија пакети со храна, хигиенски производи и школски прибор за 46 деца Роми на предучилишна возраст, како и 35 таблети за следење настава за ученици од основните училишта. Помошта ќе биде поделена во соработка со општинскиот сектор за образование и градинките.

-За следењето настава на интернет таргетираните деца кои добија таблети ќе добијат и СИМ-картички со интернет кои како ваучери ги доделува Министерството за труд и социјална работа, изјави Ферди Исмаили од Асоцијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ од Тетово.

Градинките од јавната установа „Младост“ со двете организации соработуваат и од порано.

-Во 2017 година проект со Ромски едукативен центар и „Сонце“ беше основа за згрижување на деца од ромската заедница, истакна Рамие Даути, директорка на „Младост“.

Раководителот на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово Ахмед Ќазими изјави дека е постигнато да нема осипување на деца Роми во образованието.

-Сега нема да мислиме дали ќе одат на училиште или не, бидејќи ќе одат. Во иднина ќе се работи за зголемување на квалитетот да ги насочиме на натпревари, проекти и со тоа да постигнеме квалитетна инклузија на ромската заедница во општеството, рече Ќазими.

Освен во Тетово, проектот ќе се спроведува и во Шуто Оризари и во Гостивар.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2020 22:27