Голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а дел немаат воопшто никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци, покажуваат анализите на Сојузот на стопански комори на Македонија. Оттаму апелираат на широка консултација и засилување на дијалогот со релевантните институции со цел економските мерки да имаат позитивен ефект врз реалниот сектор и да бидат реално применливи.

Од ССК посочуваат дека особено на удар се претприемачите, малите и средните компании кои вработуваат над 80 отсто од вкупниот број вработени во приватниот сектор и претставуваат 99,8 проценти од регистрираните правни субјекти.

– Сојузот на стопански комори на Македонија иницира продолжување на економските мерки за финансиска поддршка на Владата, итно за дополнителни два месеца. Неопходно е и продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основ на даночни аконтации, кредити, како и на казнени и затезни камати до крајот на годината. Согласно анализите на Сојузот, голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а дел немаат воопшто никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци. Во таа насока, следејќи ја моменталната состојба, предизвиците со кои се соочуваат претпријатијата се бројни, како нарушена ликвидност, борба за задржување на работните места и борба за опстанок поради неможноста за вршење дејност, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

Додава дека на приватниот сектор му е неопходна институционална поддршка за да се овозможи економијата да биде во континуирано движење. Иницијативата на Сојузот, официјално е доставена и до Владата за итно разгледување.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2020 12:33