Општина Центар ги награди најдобрите ученици од општинските основни училишта во учебната 2019/2020 година. Со почитување на мерките за заштита од корона вирус, градоначалникот Саша Богдановиќ им додели пофалници на првенците на генерација од седумте основни училишта во општината. Покрај ова, учениците ќе добијат и парична награда во висина од 15.000 денари.
Оваа година наградени се учениците: Горазд Наневски од ООУ „Гоце Делчев“, Ана-Марија Атанасовска од ООУ „Димитар Миладинов“, Зоран Михаилов од ООУ „Коле Неделковски“, Никола Спировски од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Ангела Јаниќ од ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Илин Московски од ООУ „Кочо Рацин“ и Марија Атанасова од ООУ „11 Октомври“.
– Упатувам искрени честитки до најдобрите ученици од општинските основни училишта. Овие наши ученици во своето деветгодишно образование покажале врвни резултати и не случајно го носат епитетот „првенци на генерација“. Покрај ова, се докажале и надвор од училишните активности со освојување награди на државни и меѓународни натпревари, каде прикажале врвни резултати. Овие деца се доказ дека преку вредна работа и посветеност, можеме да постигнеме сѐ што ќе посакаме, им порача градоначалникот Богдановиќ.
Општина Центар посочува дека пофалниците и наградите се дополнителен мотив за првенците на генерација успешно да го продолжат понатамошниот образовен процес, а во исто време да бидат пример за нивните врсници и соученици, како и за идните генерации ученици.