Агенцијата за финансиска поддршка во земјодделството и руралниот развој ги повикува сите земјоделци кои минатогодишните картички за „зелена нафта“, ги оштетиле или загубиле, најдоцна до 12 јуни да се пријават во подрачните единици на МЗШВ, од каде лани им беа доделени, се со цел да им се изработат нови.
На овој начин, како што вели директорот Николче Бабовски, Агенцијата ќе има увид на кои корисници картичките им се неупотребливи и навремено, преку економскиот оператор ќе може да им изработи нови картички.
Според него, нови картички ќе добијат и оние земјоделци кои првпат оваа година се стекнале со право на користење на оваа мерка.
– На оние земјоделци кои правно – законски се стекнаа со право на користење на мерката „зелена нафта“ и на кои картичките им се во ред, ќе им бидат надополнети со нови средства. Кој колку средства ќе има на картичките ќе зависи од видот на производството и од културата која ја пријавиле за субвенции. Со персонализираната картичка за „зелена нафта“ и со расположливите средства ќе може да се точи исклучиво „еуродизел“ гориво за земјоделска механизација, посочи Бабовски.
Годинава, додаде, преку оваа мерка се покриваат 50 отсто од производниот трошок кој е утврден согласно методологијата, а на сметките на околу 60.000 земјоделци ќе бидат вратени 280.000.000 денари.
– Со овие средства, директно влијаеме на намалување на производствениот трошок што го имаат земјоделците, а со тоа го правиме домашното земјоделско производство поконкурентно на пазарите, потенцира Бабовски.