На 12 општини им се доделени грант – средства од 60.895.919 денари преку Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), што го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.

Средствата се наменети за 14 општински проекти како што се изградба на училиште, реконструкција на постојно училиште, набавка на опрема за градинка, набавка на опрема за детско игралиште, изградба и реконструкција на патна инфраструктура, набавка на професионални возила и мултифункционални машини.

Корисници се општините Кисела Вода, Крушево, Центар, Гостивар, Ѓорче Петров, Кривогаштани, Шуто Оризари, Ресен, Кочани, Желино, Студеничани и Чучер Сандево.

Со грантовите ќе се поддржи изградба на училиште во Церово во општина Желино, реконструкција на основното училиште „Мите Богоевски“ во населеното место Болно во општина Ресен, набавка на опрема за изградба на детско игралиште во општина Шуто Оризари и набавка на опрема за градинката „Пепелашка“ во општина Центар. Во Кисела Вода, Чучер Сандево и Студеничани ќе се изврши реконструкција на локални улици, а во Кочани средствата се наменети за регулација на Кочанска река. Во останатите општина средствата ќе се користат за набавка на општинска механизација и машини.

Преку реализација на овие проекти директна корист ќе имаат близу 220 илјади жители од овие општини.

Грант-средствата ги доделува Светска Банка за претходно успешно реализирани проекти преку МСИП на општините. Целта на проектите е подобрување на услугите на општините и условите за живот на населението преку проекти за подобрување на локалната инфраструктура.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2020 14:16